Новогодишната ноќ на територијата на државата поминала мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На бесплатниот телефонски број за анонимно пријавување журки во последното деноноќие биле регистрирани 22 јавувања од граѓани и девет пријави за организирана прослава по викенд-куќи и станбени објекти.
На подрачјето на СВР Скопје во текот на новогодишната ноќ евидентирани биле три пријави за прославување на новогодишната ноќ од поголема група луѓе, и тоа на подрачјето на Карпош во стан на бул.„Партизански одреди“, на подрачјето на Центар на бул.„Илинденска“ и на подрачјето на Бит Пазар, во Старата чаршија. По комплетно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Притоа, како што информираат од МВР, во текот на новогодишната ноќ на подрачјето на СВР Скопје извршени биле зајакнати контроли во угостителски објекти при што се исконтролирале 288 угостителски објекти. Од преземените мерки и активности не биле констатирани неправилности при спроведување на протоколите во врска со ковид-19, велат од МВР.
Во текот на ноќта костатирани биле осум прекршоци од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, а на 31.12.2020 во 18.40 часот на ул.„Иван Козаров“, пред угостителски објект, поради нарушување на јавниот ред и мир приведени се М.Н.(18) и И.Д.(18) и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Констатирани се и 29 прекршоци за неносење лична заштита во Скопје, односно 322 прекршоци на територијата на целата држава.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата, со цел справување со ковид-19.