Светот прослави пандемиска новогодишна ноќ

Милиони низ целиот свет ја испратија 2020 година и со желба за „подобро утре“ го прославија почетокот на 2021 година, иако пандемијата многумина ги принуди да слават сами, зад затворени врати во своите домови.

Многу земји прославуваа со посебен карантински режим, или други ограничувања поради пандемијата КОвид 19. Во помал дел од светот пак се славеше „нормално“, па не изостанаа прославите на плоштадите, без држење дистанца. Но како во различни делови на светот помина „најлудата ноќ“?!

Во Вухан, Кина, илјадници луѓе се собраа на улиците за прославата на Новата година. Градот беше местото од каде започна пандемијата и с епојави првиот кластер ковид 19 пред точно една година, на 31 декември 2019 година. До  мај, градот беше „ослободен“ од вирусот по строгиот карантин во траење од 76 дена за 11 милиони граѓани. Ослободени од заканата од ковид 19 животот се врати во речиси нормалното ниво за жителите на Вухан, а сликите од градот покажаа дека тие можат да ја дочекаат Новата година по улиците, без задолжителното носење маска и држење дистанца.

Во Њујорк пак кој се сметаше за центарот на светот кога се работи за прославата на најлудата ноќ, годинава изостанаа гужвите. Оваа недела се случи најсмртоносниот ден во САД од почетокот на пандемијата на коронавирусите, со рекорден број на хоспитализации. Државите ширум САД објавија повеќе од 3.900 смртни случаи во средата и над 125.000 хоспитализации.

Лондон го откажа својот традиционален огномет крај Парламентот и вообичаената гужва за новогодишната ноќ беше отсутна. И Германија имаше строги ограничувања. Изведувачи свиреа пред Берлинската порта Бранденбург, но никој не ги гледаше. Париз воведе полициски час од 20 часот, претходно осигурувајќи дека нема гужви околу Ајфеловата кула. Милано, Италија, каде што коронавирусот за прв пат се рашири во западниот свет исто така имаше полициски час за да ги задржи луѓето дома и да ги спречи гужвите. Слично беше и во Истанбул, Турција, каде речиси целосно беше празен главниот плоштад Таксим.

Помина една година откако Светската здравствена организација ги објави првите потврдени случаи на новиот коронавирус. Сепак, потеклото на вирусот и вистинскиот временски рок на неговото ширење низ светот остануваат мистерија. Се поголем доказ сега сугерира дека циркулирал неколку месеци пред првите случаи да го привлечат глобалното внимание во Вухан, Кина. Студија од Националниот институт за карцином во Милано откри дека четири од случаите на коронавирус во Италија датираат од октомври 2019 година.

Истражувањата од Кина покажуваат дека луѓето се разболувале во Вухан во ноември и почетокот на декември. Една од анализите направени за Вухан сугерира дека вирусот можно е да започнал да циркулира таму уште при крајот на летото, 2019 година.

[Видео] Со ласери и огномет 2021 година пристигна во Нов Зеланд