Студентите кои имаат годишен билет за бесплатно користење на јавниот превоз во Скопје ќе може да ја продолжат неговата важност до крајот на февруари, 2021 година, соопштија од ЈСП.
„Во случајов, ЈСП Скопје излезе во пресрет на барањето на УСС (Универзитетско студентско собрание) при УКИМ, кое побара продолжување на рокот со оглед на актуелната ситуација со Ковид-19, која на значителен број студенти на одредени факултети предизвикува потешкотии при обезбедување на потребната документација за продолжување на важноста на билетот“, појаснуваат од компанијата.
Оттаму апелираат до сите студенти, кои се корисници на билетот за бесплатно користење на јавен превоз, навремено да ја обезбедат потребната документација. Продолжувањето на важноста на билетот се врши во центрите за персонализација на ЈСП.
Право на користење на билетот имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје до додипломски студии, без ограничување на возраста.
Важноста на билетот се продолжува секоја учебна година, при што на студентите кои првпат запишуваат прва година и обезбедуваат (вадат) бесплатен билет, неговата важност автоматски е до крајот на наредната календарска година.
Останатите студенти, важноста на билетот ја продолжуваат со потврда за редовен студент и заверен зимски семестар.
ЈСП Скопје, поради Ковид-19 и да се одбегнат гужви на локациите каде се продолжува важноста на студентскиот и друг тип билети, овозможи продолжувањето да започне речиси два месеца порано од вообичаеното.