#ТвитерДедоМраз собра 1000 пакетчиња – ќе се испратат и за деца од фамилиите кои настрадаа од земјотресот во Хрватска

Акцијата #ТвитерДедоМраз годинавa беше под прашалник дали ќе се случи поради Ковид пандемијата. Но, и покрај предизвикот, годинава во рок од седум часа беа собрани 1000 пакетчиња за деца од социјално загрозените семејства, а во координација со Амбасадата на Р. Хрватска, дополнителни 250 ќе бидат испратени за децата од фамилии кои беа погодени од земјотресот во Хрватска.

„Прифаќајќи голем ризик, социјалните работници од Здружението Љубезност непрекинато преку цела година активно носеа пакети помош за социјално загрозените семејства од цела држава. Токму нивниот мотив, беше и наш двигател да го активираме хаштагот и повторно да се обединиме како твитер заедница под #ТвитерДедоМраз, велат од иницијативата за Радио МОФ. 

Во акцијата се вклучиле твитерџии од цел свет.

„Искрено имајќи предвид колку Ковид ја погоди економијата, мислев да ја одложам акцијата со цел да надоместиме следната година. Но, мотивиран од твитерџиите кои прашуваа дали и кога ќе се почне со донации увидов дека нема смисла да прекинеме акција која директно помага фамилии, дечиња пред се, кои се и така во тешка ситуација. Не се посомневав во моќта на твитерџиите туку повеќе имав страв од немилосрдноста на Ковид“, вели еден од иницијаторите.

Пакетчињата ги изработи компанијата Витаминка, во поголем дел бесплатни, а од продажбата на останатите ќе бидат наменети за пакети храна и хигиенски препарати кои ќе бидат поделени во текот на годината.

Од иницијативата се благодарни за помошта од ГрабИТ кои ја изработиле веб-страницата dedomraz.mk преку која можеше да се донира, а благодарниците ги нацрта илустраторот Тхе Мичо, познат по креирањето на „Светот на Биби“. Покрај ова, Факултети.мк подарија над 70 едукативни производи.

Целата приказна со #ТвитерДедоМраз започна во 2017, кога главната сестра на Неврохирургија сподели дека би било убаво доколку се помогне да се подобрат условите на Детското одделение на Неврохирургија. Потоа, преку Твитер идејата зеде замав преку хаштагот #ТвитерДедоМраз.

Е.П.