Најголемите светски хуманитарни организации во заедничко соопштение изразија загриженост за судбината на неколку стотици мигранти во Босна и Херцеговина, истакнувајќи дека веќе се пријавени случаи на смрзнатини и хипотермија меѓу лицата кои останале без покрив над глава по затворањето на кампот „Липа“ кај Бихаќ, пренесува „Данас“.
Данскиот совет за бегалци, УНХЦР, Меѓународната организација за миграција (ИОМ), како и организацијата „Да ги спасиме децата“ и „Лекари без граници“ во соопштението ги повикуваат властите на БиХ да „реагираат крајно итно, бидејќи тие што останаа на местото на затворениот камп се наоѓаат под непосреден ризик, во однос на безбедноста, здравјето и заштитата“.
„Хуманитарните агенции веќе ги предупредија властите во БиХ дека мигрантите и барателите на азил ќе бидат изложени на голем ризик, доколку не се најде соодветно заслниште пред зимата. Сепак, досега не се предложени решенија“, се додава во соопштението.
Данскиот совет за бегалци напоменува дека агенциите и организациите кои го потпишале соопштението се спремни да им помогнат на властите да најдат безбедно решение за мигрантите.
Претставници на ИОМ во БиХ на 23 декември се повлекоа од привремениот мигрантски камп „Липа“, кој е оддалечен околу 30 километри од Бихаќ, и престанаа да пружаат помош. Истиот ден избувна пожар во еден од шаторите, а голем дел од кампот е уништен.
По повлекувањето на ИОМ, не беше обезбедено заменско сместување за мигрантите од тој камп.
Советот на министри на БиХ на 21 декември донесе одлука за формирање на привремен центар за прием на мигранти, на подрачјето на Бихаќ, а Собранието на Унско-санскиот кантон не ги прифати упатствата на Министерството за безбедност за враќање на мигрантите во поранешниот камп за мигранти „Бира“, додека работните активности во кампот „Липа“ не завршат.