Граѓанска новинарка од Кина осудена на четири години затвор поради известување за Ковид-19 од Вухан

Граѓанска новинарка од Кина денеска беше осудена на казна затвор од четири години поради нејзиното известување во живо од Вухан за почетокот на пандемијата на коронавирусот, пренесува „Ал Џазира“. Поранешната адвокатка Жанг Жан беше обвинета за „поттикнување кавги и немир“ за нејзиното известување.

Нејзините критички извештаи во живо беа широко споделувани на социјалните мрежи во февруари, но исто така го привлекоа и вниманието на властите, кои досега казнија осум „свиркачи“.

„Жанг Жан изгледаше уништено кога беше соопштена пресудата“, рече Рен Кваниу, еден од адвокатите на Жанг.

Десетина приврзаници и дипломати утрово се собраа пред новиот окружен народен суд во областа Пудонг во Шангај, но полицијата ги оттурна новинарите и набљудувачите од влезот кога пристигна обвинетата заедно со нејзиниот адвокат.

Новинарката која има 37 години, во јуни започна штрајк со глад, и според нејзините адвокати, таа присилно била хранета преку назална цевка.

„Кога ја посетив (минатата недела), таа рече ‘ако ми дадат голема казна, ќе одбивам храна до самиот крај’… Мисли дека ќе умре во затвор. Тоа е екстремен метод на протестирање против општеството и опкружувањето“, додаде Кваниу.

Судењето доаѓа само неколку недели пред пристигнувањето на меѓународен тим на експерти од Светската здравствена организација во Кина кои треба да го испитаат потеклото на Ковид-19.