Додека излезот од Европската Унија се брои во денови огромен број жители на Велика Британија изминатава година се свртеле кон учење на странски јазици.
27-годишната Максин Браун, која е втора година на студии по економија, последниве шест месеци учи дански со намера да се пресели во Данска и таму да заврши постипломски студии и да работи на еколошки проекти.
„Заинтересирана сум за економската област на ресурсите и Данска е предводник во оваа област. Затоа започнав да учам дански во мај. Многу брзо успеав да почнам со читање на весници и се приклучив на онлајн форуми за да го проширам знаењето, а започнав и да слушам радио за да ги прифатам звуците и тоновите на јазикот“, вели Браун за Гардијан.
Бидејќи британските државјани повеќе нема да имаат право слободно да живеат и да работат во членките на ЕУ по 31 декември, Браун ќе мора да плаќа целосни износи на школарина, а ќе им биде потребна и дозвола за претстој, која подразбира одредено познавање на данскиот јазик.
„Ако сакате државјанство во Данска. Треба да живеете таму девет години без престанок. Но, тие исто така имаат други можности за стекнување на државјанството, како добивање работа, образование или инвестиции. Само поради тоа што ја напуштаме ЕУ тоа не мора да ме обесхрабри од тоа што сакам да го правам“, додава таа.
Бројот на луѓе од Велика Британија кои започнале да учат јазик различен од англискиот бил два пати поголем од остатокот на светот во годинава која изминува, според онлајн платформата за учење јазици Дуолинго.
Наголемиот дел од Британците започнале да учат француски, но илјадници други учат и шпански, германски, италијански и други јазици од Европската Унија. Дел од нив се надеваат дека преку подобрување на познавањето на јазиците ќе можат да се квалификуваат за добивање државјанство на ЕУ земја.
„Настани како „Брегзит“ и Ковид, плус културните настани како Олимпијадата предизвикуваат промени. Британците сега сакаат да бидат подобри граѓани на светот кога патуваме, кога соработуваме или кога среќаваме луѓе во Велика Британија“, вели менаџерот за Британија на Дуолинго, Колин Ваткинс.
Британија во моментов е една од петте држави кои имаат најмногу слушатели на платформата Дуолинго. Само годинава бројката на британски слушатели пораснала за 132 проценти.
Учењето странски јазици во формалното образование во земјата драстично опаднал последните 15 години, иако постојат знаци на подобрување. Јазичните трендови кои ги објавува Британскиот Совет покажуваат раст на децата кои земаат часови по француски или шпански во 2019 година.