СЗО: Новата мутација на коронавирусот откриена во 8 европски држави

Новата варијација на коронавирусот веќе е откриена во осум европски држави, информираше регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација (СЗО), Ханс Клуге.

Според него, новата мутација на вирусот, за разлика од претходната, се шири и помеѓу младата популација. Клуге повика на претпазливост додека се прават истражувања за новиот сој, како и засилување на досегашните заштитни мерки како што се физичката дистанца и носењето маски.

Новата мутација беше откриена во Велика Британија на 14 ноември, а после тоа е евидентиран и во Австралија, Исланд, Италија, Холандија и Данска. Вчера беше потврден и првиот случај на зараза со новиот сој на вирусот во Франција.

СЗО минатава недела соопшти дека уште нема доволно информации за тоа дали новиот сој ќе има влијание на ефикасноста на вакцините, и информираа дека во тек се истражувања.