Бремените жени се ослободени од работа со физичко присуство до крајот на пандемијата, информираше Владата

Од Владата на Република Северна Македонија напоменаа дека бремените жени се ослободуваат од работа со физичко присуство до завршување на пандемијата со Ковид-19, согласно владината одлука. Тие потсетуваат на оваа мерка поради изразен интерес од граѓани околу тоа дали оваа мерка ќе важи и со почетокот на 2021 година.

„Содржината на мерките е регулирана со членот 13, точка 11 и членот 16 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19, предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, објавена во Службен весник на 04.11.2020 година“, информираат од Владата.

Владината одлука е донесена на седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 03.11.2020 година, по препорака на Комисијата за заразни болести.