Оддел за пациенти за пост-ковид рехабилитација подготви Институтот за физикална медицина и рехабилитација

Поради долгорочните последици кои ги остава инфекцијата со коронавирусот и заради се поголемата потреба за рехабилитација на пациентите кои прележале Ковид-19, Институтот за физикална медицина и рехабилитација со поддршка на Министерството за здравство (МЗ) подготви еден оддел кој е наменет за пациенти за пост-ковид рехабилитација, информираа денеска од ресорното министерство.

Како што информираат оттаму, Институтот досега имал само индивидуални барања од пациентите кои се третирале амбулантски, но, додаваат, дека од неодамна во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје и болницата „8-ми Септември“ започнале со организиран болнички пристап за рехабилитација на пациенти кои прележале Ковид-19.

Па оттука, заедно со специјалисти инфектолози од Клиниката и болницата, Институтот веќе спроведува конзилијарни прегледи од страна на специјалисти физијатри, посочуваат од МЗ.

„Овие пациенти кои со денови, некои и недели биле хоспитализирани заради Ковид-19, се соочуваат со потешкотии и во дишењето и во движењето, кои побрзо и полесно се надминуваат со стручна помош, во смисла на респираторни вежби и физикални вежби за нивно враќање кон нормалните животни активности. Она што досега го гледаме како резултат од рехабилитацијата е исклучителен напредок кај овие пациенти. Некои доаѓаат во колички, неподвижни, изнемоштени, а по само две недели веќе одат самостојно, без помагала. Со ова, практично, одиме чекор понатаму во грижата за пациентите со Ковид-19. Се грижиме не само за превенција, со вакцините кои се во најава и лекување, туку и рехабилитација која е навистина важен сегмент од секој напреден здравствен систем“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Процесот на рехабилитација, од МЗ велат дека се спроведува согласно најновите протоколи за рехабилитација на пост-ковид пациенти од страна на тим од специјалист физијатар, специјалист интернист и физиотерапевти со долгогодишно работно искуство, кои за секој пациент пристапуваат индивидуално, согласно функционалната состојба на пациентот, објаснуваат тие.

„Рехабилитацијата на овие пациенти трае различно, во зависност од тежината на клиничката слика и последиците кои болеста ги оставила кај пациентот, но во просек од 2 до 4 недели. Најголемиот дел од пациентите покажуваат значително подобрување на респираторната функција, олеснување на анксиозноста и депресијата, намалување на компликациите, намалување на попреченоста, побрза вертикализација и оспособување за побрзо и поефективно враќање кон секојдневните животни функции“, вели д-р. Маја Манолева, директорка на Институтот за физикална медицина и рехабилитација, која додава дека пациентите кои досега престојувале во Институтот покажуваат огромен напредок и подобрување.

Во соопштението на министерството, се потенцира дека пациентите кои биле лекувани во домашни услови или се веќе испишани од инфективните одделенија, но се уште чувствуваат слабост и имаат проблеми со компликациите од болеста можат да се јават на преглед во Институтот преку „Мој термин“, но и преку амбулантите во установата, со цел, за, како што велат, да бидат упатени за понатамошна амбулантска или болничка рехабилитација.