МЗЗПР: Потребен е нов закон за безбедност и здравје при работа

Потребен е нов закон за безбедноста и здравје при работа (БЗР), а колку повеќе во работниот процес има работници со повреди или професионални заболувања, ќе има и отсуства од работа, зголемени трошоци и намалена продуктивност, велат од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР).

Тие додаваат дека ова ова негативно се одразува врз работниците, како и на работодавачите и севкупниот економски систем на државата.

Посочуваат дека новиот закон треба да биде јасен и недвосмислен во практичната примена и треба да ги земе предвид мислењата на сите заинтересирани страни од областа на БЗР.

„Во овој процес ги ставаме на располагање сите наши капацитети, знаење и искуство. Сугерираме процесот на прилагодување на промените во БЗР законодавството и неговото усогласување со ЕУ да започне што побрзо, особено ако се имаат предвид новите ризици на работните места кои произлегуваат од Ковид-19 пандемијата. Тоа изискува и ревизија на проценките на ризик на сите работни места каде има опасност од заразување со новиот коронавирус“, истакнуваат од МЗЗПР.

Од Здружението посочуваат дека 12 години по практичната примена на Законот за БЗР и другите релевантни правни акти како клучни области во кои треба да се насочи идното делување покрај реформата на законската рамка и политиките за БЗР се: образованието, зајакнувањето на капацитетите и подигнување на свеста за БЗР, како и воспоставување ефикасни евиденции за повреди, несреќи при работа и професионални заболувања.

„Од економски аспект гледано секој работодавач или инвеститор, својот интерес го гледа во профитот. Но, дури и за остварување на таа цел, единствено заштитен работник може да биде продуктивен, односно само здрав и мотивиран работник може да произведе квалитетен производ или да даде квалитетна услуга. За здрав и мотивиран работник неопходно е работодавачот да преземе превентивни мерки и активности за безбедност и здравје при работа. Мотивиран работник произведува квантитет и дава квалитетни услуги. За да имаме мотивиран работник, работодавачот потребно е истиот соодветно да го награди со плата и други надоместоци кои му следуваат, вклучувајќи го тука процесот на подобрувањето на безбедноста и здравјето при работа. Истовремено, потребна е и директна финансиска помош од страна на државата во стимулирање на превентивниот аспект на БЗР на ниво на компании.“, посочува Милан Петковски, претседател на МЗЗПР.

Со цел давање и на конкретен придонес во подобрувањето на законодавството, превентивата и целокупната примена во сферата на БЗР и со подршка на Европска Унија, МЗЗПР во соработка со Асоцијација за правно-економски истражувања и едукација „Јуридика“ неодамна ја издадоа публикацијата „Безбедност и здравје при работа – Мониторинг на состојба“ која нуди конкретни препораки и може да ја најдете на следниов ЛИНК.