Стотици имигранти во Франција ќе добијат државјанство во знак на благодарност

Стотици имигранти во Франција кои работат на првата линија на фронтот против коронавирусот, како признаение за својот придонес, во забрзана постапка ќе добијат државјанство, јавува „Би-Би-Си“.

Министерството за внатрешни работи ги повика странците кои помагаат во борбата против Ковид-19 да аплицираат за постапката за забрзано стекнување државјанство.

Досега, повеќе 700 лица добија државјанство, вклучително и здравствени работници, чистачи и работници во продавници.

Работниците кои се на првата линија во борбата против Ковид-19 ширум светот, во голема мера се изложени на вирусот, при што многумина умираат од оваа болест, вклучително и докторите и медицинските сестри.

Иницијативата за забрзано стекнување државјанство за првпат беше објавена во септември. Француски пасош добиле 74 лица, додека 693 се во завршна фаза. Вкупно досега се пријавиле 2.890 лица.

„Здравствени работници, чистачи, воспитувачи… Сите се жртвуваа за оваа нација и сега е време да им се оддолжиме“, рече Марлен Шиапа, министерка задолжена за прашањата кои се однесуваат на државјанствата.

Франција е меѓу десетте најпогодени земји од пандемијата со Ковид-19, со повеќе од 2.5 милиони заразени и 62.000 починати.