Судот ѝ забрани на француската полиција да користи беспилотни летала за надзор на протести

Францускиот Врховен управен суд ѝ забрани на полицијата да користи беспилотни летала за надзор на протестите во Париз, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Оттаму тврдат дека началникот на полицијата во Париз треба без одлагање да ја прекине употребата на беспилотни летала заради надзор на јавните собири.

Одлуката е донесена во време кога парламентот разгледува контроверзен закон за безбедност, во кој е вклучена употребата на дронови од страна на полицијата, а чија цел е регулација на споделувањето на полициските снимки и фотографии.

Групата за заштита на приватноста „La Quadrature du Net (LQDN)“ тврди дека мерките предвидени со законот ја кршат слободата на изразување и дека беспилотните летала опремени со камери не можат да обезбедат мир, туку да следат поединци.

Судот донесе одлука дека „постои сомнеж во законитоста“ на употребата на беспилотни летала без првично писмено одобрение.

Од LQDN наведуваат дека единствениот начин на кој владата може да ја легализира употребата на беспилотни летала е да обезбеди докази дека такво нешто е потребно за одржување на редот и мирот, за кои тие не веруваат дека постојат.

Ова е втора одлука во последните неколку месеци со која е спречена употребата на дронови од страна на полицијата во Париз. Истиот суд во мај донесе одлука дека дроновите не можат да се користат за да се следи почитувањето на мерките за време на карантинот.

Членот 22 од законот за безбедност, кој моментално се наоѓа пред пратениците, предвидува дека на безбедносните сили им е дозволено да создаваат и чуваат фотографии направени од камерите на дроновите, како дел од некоја можна полициска истрага во период од 30 денови или повеќе.

Контроверзниот закон предизвика протести низ целата земја, а јавноста особено е гневна поради членот 24, со кој се забранува ширење на фотографии од полицајци со цел „да им се наштети на нивниот физички или психички интегритет“. Критичарите тврдат дека овој член придонесува за покривање на случаите на полициска бруталност.

Владејачката партија на Емануел Макрон пак, вети дека ќе го преиспита овој член.