Уставниот суд на Босна и Херцеговина на вчерашната седница донесе одлука дека мерките за ограничување на движењето и носењето маски во текот на пандемијата со коронавирусот претставуваат кршење на основните човекови права.
На седницата биле донесени неколку заклучоци меѓу кои и тие дека одлуката на Кризниот штаб на Федерацијата БиХ за забрана на движењето и задолжителното носење заштитни маски се „мешање во основните човекови права и слободи гарантирани со Уставот на БиХ и Европската конвенција за заштита на човековите права.
„Во конкретниот случај во прашање е прекршување на правата на приватен живот и слобода на движење, кои биле извршени со наредби на тесни сегменти од извршната власт за задолжително носење заштитни маски и ограничување на движењето на кризните штабови на министерствата за здравство“, стои во одлуката на Уставниот суд.
Дополнително се наведува дека одлуката на Кризниот штаб на Министерството за здравство на Федерацијата БиХ претставува кршење на наведените човекови права бидејќи на тоа „недостасувало активно учество во донесување и преиспитување на наредените мерки од највисоките органи на законодавната и извршната власт“.
Мерката за забрана на движење од 23 до 5 часот била воведена на 10 ноември поради растот на бројот на новозаразени со Ковид-19, а следуваше и мерка за задолжително носење маски во затворен и на отворен простор.
По носење на овие мерки сараевски адвокати испратиле приговор до Уставниот суд и побарале да се преиспитаат донесените мерки.
Во Босна и Херцеговниа од почетокот на пандемијата има 106.986 случаи на заболени со вирусот и 3.792 починати лица.