26 починати лица и 758 нови случаи со ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2562 тестирања, а регистрирани се 758 нови случаи на ковид-19. Починати се 26 лица,  од кои седум пациенти од Скопје (42, 65, 74, 83, 69, 80 и 86г), двајца од Куманово (87 и 52г), еден од Дебар (80г), пет од Прилеп (65, 79, 65, 61 и 76г), еден од Струга (62г), двајца од Битола (77 и 69г), четири пациенти од Охрид (62, 70, 57 и 81г), еден од Свети Николе (65г), двајца од Кичево (64 и 77г) и еден пациент од Неготино (74г). Од нив двајца се починати вон, останатите се починати во болнички услови.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 944 оздравени пациенти. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 79 190, бројката на оздравени пациенти е 56099, на починати е 2340, а бројот на активни случаи изнесува 20751. Најмногу активни случаи има во Скопје – 11653, Тетово 956 и Прилеп 765.

Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје и оваа недела продолжува падот на сите бројки и индикатори кои ги следи институтот во целиот овој изминат период.

„Имаме намалување за 16,9% на новозаболени во последните 7 дена, процентот на позитивни од тестирани лица бележи пад за цели 5% колку што бележи пад и процентот на починати лица. Се намалува бројот на пациенти кои се хоспитализираат во болниците. Анализата за последните две недели покажува дека се намалува бројот на хоспитализирани пациенти и во скопските болници и клиники, како и во болниците низ државата. Во првата недела од декември имало 890 хоспитализирани пациенти, денеска бројката е 629“, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Во Прилеп, Охрид Куманово и Струмица денес бројот на хоспитализрани пациенти е значително помал во однос на почетокот на декември. И во ковид центрите во Скопје, има константна и стабилна бројка на приеми со тенденција на намалување, рече министерот.

Во однос на тестирањето додаде и дека има се повеќе слободни термини за тестирање за ковид 19, а притисокот се намалува.

„Во втората и третата недела од декември намален е и бројот на тестирања, како во државните така и во приватните лаборатории. Ако во целокупниот изминат период просекот на исполнување на термините беше истиот ден кога тие ќе беа објавени, сега и во текот на истиот ден има термини кои се слободни, односно не закажани. Во анализата за втората и третата недела од декември се забележува дека државните лаборатории спроведуваат за приближно 100% повеќе тестови од приватните лаборатории, а воедно се забележува и зголемување на бројот на тестови секоја недела во државните лаборатории“, рече Филипче.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 664 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола е хоспитализиран 54 пациент позитивен и суспектен на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 55 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 29 болни, а во Куманово 88 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 70 пациенти, во Прилеп 82 во ковид центарот во Гостивар 45, а во Струга 36 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 72 пациенти, во Кочани 15 во Кичево 20, Кавадарци 39, во Гевгелија 15 лица, а во Дебар 5 позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1145 и има околу 290 празни болнички кревети во ковид центрите.