Скопските општини ќе издвојуваат буџет за заловување улични кучиња и сместување во ЈП „Лајка“

Сите скопски општини отсега ќе учествуваат во процесот на заловување кучиња скитници. Десетте општини на годишно ниво ќе издвојуваат по 2 милиони денари, додека Градот Скопје ќе учествува со 10 милиони денари годишнo.

„Со оваа одлука, во насока на обезбедување на трајно и квалитетно вршење на дејноста што се однесува на заловување и собирање на бездомните, односно нерегистрирани и регистрирани кучиња, се предвидува секоја од десетте општини во рамки на градот Скопје, да издвојуваат сума од 2 милиона денари годишно за реализацијата на оваа дејност од јавен интерес, додека Градот Скопје ќе учествува со 10 милиони денари“, соопштуваат од Град Скопје.

Со ваквата одлука, ЈП „Лајка“ и градоначалникот на Скопје, ќе бидат овластени да склучат договор со градоначалниците на општините во градот Скопје со кој би се уредиле  прашањата за начинот и условите за вршење на заедничката надлежност, начинот на исплата на финансиските средства и зголемување на меѓуопштинската соработка.