Општина Центар вчера започна со отстранување на уште една дивоградба, односно, на доградба на прво и надградба на второ поткровје на постоечки објект на улицата „Рајко Жинзифов“ спроти Градежниот факултет во Скопје, информираат од општината.
Акцијата за отстранување на дивоградбата доаѓа откако сопственикот не ја отстранил незаконски изградената градба, по решението издадено од општината, додаваат оттаму, посочувајќи дека трошоците за отстранувањето на градбата паѓаат во целост на товарот на сопственикот.
Во меѓувреме, како што посочуваат од Општина Центар, Секторот за инспекциски работи изминатите денови отстранил незаконски изградена тераса во приземје на улицата „Наум Наумовски Борче“ во Дебар Маало, како и незаконски поставени паркинг блокатори на улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“.
Од општината посочуваат дека привршува нивната акција за отстранување нелегално поставени или изградени објекти, за која велат дека биле опфатени 18 незаконски градби на територија на општината.