Работничка од Куманово ја доби првата кривична пресуда за кршење на работнички права во кризата со коронавирусот

Здружението Гласен Текстилец на социјалните мрежи ја сподели пресудата на работничка од Куманово која додека била бремена добила незаконски отказ откако ги користела времените мерки донесени од Владата, што според здружението е прва кривична пресуда за кршење на работнички права во кризата со коронавирусот.

„За време на оваа здравствено – економска криза, каде што многу работници останаа без работа, со незаконски откази, добивме позитивна вест. Гласен Текстилец го следеше судскиот случај, на една работничка од Куманово, којашто беше бремена и ги користеше времените мерки донесени од Владата, со коишто бремените беа ослободени од работа. Работодавачот и даде незаконски отказ, поради кршење на ред и дисциплина. Оваа работничка собра храброст и го тужеше работодавачот, со тужба поради работен спор и приватна кривична тужба и ја доби оваа битка, со што судот го усвои тужбеното барање, го утврди незаконитото постапување, со кои се повредени работничките права. Судот го поништи решението за откажување на договорот за вработување, како незаконито“, велат од Гласен Текстилец.

Од здружението велат дека оваа пресуда треба да ги охрабри и другите работници да се обратат до соодветните институции доколку се повредени нивните работнички права.

Токму кршењето на работничките права беше тема на дискусијата „Јасно и Гласно“ на Радио МОФ која ја емитувавме на Денот на човековите права. Видеото од емисијата погледнете го во продолжение: