ИЈЗ: Намалување на бројот на починати и новозаразени со Ковид-19

Од 14 до 20 декември пријавени се 159 смртни случаи од Ковид-19 во 25 градови, што преставува намалување од 8.6 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице било над 60 години, 17 лица на возраст од 50 до 59 години, осум смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и три случаи од возрасната група од 30 до 39 години.

Ова го покажуваат податоците од новиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Во истиот период, според ИЈЗ, во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на Ковид-19, тестирани се вкупно 15.607 материјали, што претставува намалување од 1.6% во однос на минатата недела.

Оттука, регистрирани се 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, односно, регистрирано е намалување од 16,9% во однос на минатата недела.

„Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје (n=1.960; 42,7%), со неделна инциденца – 221,6/100.000. Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 29,3% намалување од 5,5% во однос на минатата недела“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Заболени лица се регистрирани во сите возрасни групи, се додава во извештајот, односно, најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, 1.343 случаи или 29.3 отсто.

„Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59, 885 или 19,3%,  од 30-39, 810 или 17,7%, од 40-49, 801 или 17,5% и од 20-29, 509 случаи или 11,1%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9, 59 или 1,3% и 10-19 години, 178 или 3,9%“, стои во извештајот.

По добиени два негативни теста за присуство на Ковид-19 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.513 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување или 15,1% помалку во споредба со минатата недела, додаваат од ИЈЗ.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 14 до 20.12.2020 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.