Група средношколци во обид да влијаат на одлуката за полагање државна матура во време на пандемија најавија протести и бојкот на настава. Друга група средношколци пак пред почетокот на одложената, пандемиска учебна излегоа на протести за да побараат комбинирана, наместо онлајн настава. Пандемијата го измени образовниот процес, но влијаеше и на начините кои ги избираат средношколците за да влијаат на одлуките кои ним не им се допаѓаат. Радио МОФ од Советодавниот сервис за права на млади побара одговори на некои од најчестите дилеми со кои се соочуваат младите.
Што значи бојкот на настава и дали тој треба претходно да се најави?
Бојкот на настава означува искажување на незадоволство од страна на учениците и неучествување во училишните часови кои што се предвидени во рамки на една учебна година. Во услови кога се е ново, одеднаш променетото секојдневие носи потреба од нови одлуки кои се прилагодуваат попатно и проблемите се решаваат онака како што се појавуваат. Сепак, учениците како најзасегната страна во овие нови образовни мерки и политики треба да бидат вклучени во процесот за креирање на истите. Матурата не е новост и е испит за кој учениците се спремаат во текот на сите учебни години од своето средно образование. Она што сега се појавува како проблем е тоа што откако започна пандемијата предизвикана од КОВИД-19 се јави незадоволство кај овогодинешните матуранти бидејќи нивните соученици кои лани беа четврта година не полагаа матура поради ситуацијата. Несогледувајќи ја аргументацијата за оваа мерка, оваа генерација исто така сака и оваа година да не се полага државната матура поради ситуацијата со пандемијата. Меѓутоа мора да се напомене дека државата во периодот кога беше укината државната матура беше во вонредна состојба, односно со Уредба на Владата беше укинато полагањето на државната матура. Со оглед на тоа што сега државата не е во вонредна состојба, за укинување на државната матура потребно ќе биде да се направат измени на Законот за средно образование во Собранието на Р.Северна Македонија
Бојкотот може да се најави со писмен поднесок, во кој учениците можат да го известат училиштетото за планираниот бојкот, во поднесокот треба да бидат наведени и причините поради кои што се бојкотира. Најавувањето на бојкотот не значи дека учениците не би трпеле последици за истиот. Во секое училиште со Правилник е уреден начинот на изрекување на педагошки мерки, пример во некои училишта за 10 неоправдани изостаноци предвидена е усна опомена, додека пак најстрогата мерка е отстранување од училиште доколку имате 25 неоправдани изостаноци..
Од една страна средношколците имаат право на протест, од друга страна можат да добијат намалено поведение или полоши оценки, а неретко кон ив има и притисоци за да се отказат од протест. Што можат да направат во тој случај?
Средношколците како граѓани на оваа држава уживаат слободи и права кои што им се загарантирани со Уставот на Р.Северна Македонија, односно имаат право на протест, јавен собир, слободно изразување на мислата како и активно да учествуваат во процесот на креирање и носење на политики кои што се од нивно значење. Никој не смее психички и/ или физички да го казнува и малтретира ученикот. Доколку учениците се соочуваат со повреда на нивните права тие можат да побараат заштита со поднесување напретставка до Народниот правобранител или до Државниот просветен инспекторат.
Во време на онлајн настава, дали наставникот има право да запише неоправдан час ако ученикот снема интернет?
Засега, нема информација што се случува кога ученик ќе изгуби интернет конекција и како тоа би се бележело во однос на присутност на часот. Во препораките за онлајн настава во точката 3.2 која се однесува на Присуството предвидени се следните ситуации:
Наставниците и учениците треба навремено да се приклучат на наставниот час согласно распоредот на часовите.
Присуството на онлајн часовите е задолжително, идентично како и при реализирање на наставата со физичко присуство во училиште.
Наставниците се задолжени да водат детална евиденција за присуството на учениците на секој онлајн час.
По правило, учесници на онлајн часот се наставникот и учениците од паралелката за кои е наменет часот.
Учениците немаат право да вклучуваат на онлајн часот други ученици од училиштето, односно ученици од друго училиште преку споделување на линкот за часот.
Што е потребно да знаат средношколците ако планираат организирање протест?
Јавниот собир или протест може но не мора да се пријави во МВР, најдоцна 48 часа пред јавниот собир. Меѓутоа, во услови на пандемија, кога државата е во кризна состојба мора да се внимава на ова, па во таа насока препораките се протестите доколку се организираат да бидат најавени во МВР, односно во полициска станица. Во известувањето организаторот ги наведува следниве податоци: целите на одржувањето на јавниот собир; местото и времето на одржувањето; организаторот на јавниот собир; мерките што организаторот ги презел во врска со непречено организирање и одвивање на јавниот собир и податоците за организаирање на редарската служба.
Протестот може да го организира секое лице кое има навршено 18 години. Тоа значи дека повеќето средношколци не можат да се најдат како организатори на протест, но тие можат да учествуваат во протестот. Протестот може да се одржи на секое место освен на места непосредна близина или пред здравствени установи, детски градинки како и автопати и магистрали. Организаторот е должен да обезбеди редарска служба, односно ова може да го врши и полицијата. Не смее да се носи оружје, да се конзумира алкохол и дрога, не смее да се поттикнува вршење на кривични дела, не смее да се загрозува животната средина, а доколку дојде до загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните МВР може да го прекине јавниот собир.
Организаторот на јавниот собир е должен да ја надомести евентуалната штета што ќе настане при одржување на јавниот собир. Доколку собирот го нарушува јавниот ред и мир или истиот е спротивен на Законот за јавни собири, организаторот може да се соочи со прекршочна казна во износ од 500 до 3000 евра во зависност од видот на прекршокот кој што е направен. Во време на пандемија исто така важат и мерките и препораките за заштита на здравјето кои што се дадени од Министерството за здравство и Владата на Р.Северна Македонија.
Дали средношколци кои немаат 18 години смеат да учествуваат во протест/бојкот на настава?
Малолетници смеат да учествуваат на протести и јавни собири, меѓутоа не можат да бидат организатори на истите.