Бугарија ќе донира дел од вакцините за Ковид-19 на Северна Македонија

Бугарија од секоја практка на вакцини против Ковид 19, кои директно ги купиле од производителите, еден дел ќе донира и на Северна Македонија. Ова утрово беше одлучено на владината седница во Софија на која присуствуваше и Министерот за здравство Венко Филипче.

Од Министерството за здравство соопштија дека со оваа одлука во земјава вакцини против Ковид 19 ќе стигнуваат во исто време како и во останатите земји членки на Европската Унија.

„На денешната седница од страна на Владата на Република Бугарија се донесе одлука од секоја колична вакцини протви Ковид 19, која стугнува во Република Бугарија , една одредена количина да биде наменета за нашите граѓани и тоа да биде во форма на донација. Со ова ние практично стигнуваме до вакцините со истата временска динамика со која стугнуваат и земјите членки на Европската Унија . Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 % од населението“, изјави министерот Филипче.

Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра Зенека.

„Веќе разговаравме и за техничките детали во однос на испораката, верувам дека во исто време ќе добиеме дел од вакцините како и земјите од ЕУ“, додава Филипче.

Освен преку донација од Бугарија, Северна Македонија обезбеди вакцини и преку Ковакс механизмот. Европската Унија за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји членки. Досега таков вид на помош, на Северна Македонија и понудија Полска и Грција.

Од Министерството за здравство напоменуваат и дека Северна Македонија преговара и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив.