Хакирани телефоните на десетици новинари на Ал Џазира преку кои биле шпионирани и уценувани

Повеќе новинари на мрежата на Ал Џазира Медиа биле мета на шпионирање во напад кој се смета дека потекнува од властите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, соопштија канадски истражувачи за сајбербезбедност.

Нападот бил извршен преку шпионски софтвер на приватна израелска разузнувачка компанија со кој биле хакирани телефоните на 36 новинари, продуценти, водители и директори на медиумот со седиште во Катар, соопштија од истражувачите Цитизенс Лаб, организацијата за сајбербезбедност при Универзитетот во Торонто.

Нападот го потврдил Тамер Алмишал, истражувачки новинар од Ал Џазира Арабик, кој објаснува дека истражувањето било покренато откако добил смртни закани на телефонот кој го користел за контактирање на министри во Обединетите Арапски Емирати за една сторија.

„Ми се заканија дека ќе бидам новиот Џамал Кашоги. После тоа ги предадовме телефоните на „Цитизенс Лаб“ кои открија дека се хакирани преку „спајвер“ софтвер наречен Пегасус, развиен од израелската компанија НСО. Хакирањето било направено преку таканаречена „нула-клик“ технологија, каде можат да ви пристапат до камерите и да ви го следат уредот. Тие исто така открија дека служби од ОАЕ и Саудиска Арабија се во позадина на хакирањето“, изјавил Алмишал, за смртните закани кои ги добил.

„Го следевме „спајверот“ шест месеци и откривме дека најмалку 36 новинари на Ал Џазира биле хакирани. Хакерите користеле дел од содржините кои ги украле од телефоните за да ги уценуваат новинарите, преку објавување на нивни приватни фотографии на интернет“, додал Алмишал.

„Нула-клик“ технологија значи дека телефоните биле хакирани без никаква акција од страна на корисниците на уредот.

Саудиска Арабија и ОАЕ, заедно со Бахреин и Египет воспоставија дипломатски, трговски и транспортен бојкот на Катар во јуни 2017 година, обвинувајќи дека Доха поддржува тероризам и дека има премногу блиски односи со Иран. Катар ги одби сите обвинувања и ги одби барањата кои им беа наметнати од овие земји за нормализирање на односите.