Меѓународен тим составен од десет научници, во јануари ќе отпатува во Вухан за да го испита потеклото на новиот коронавирус, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), јавува „Би-Би-Си“.
Пекинг не беше подготвен да се согласи на независна истрага и беа потребни многу месеци за преговорање, за СЗО да има пристап до градот. Вирусот засега се смета дека потекнува од маркет во Вухан каде се продаваат животни.
Биологот Фабиан Лендерц кој е дел од тимот кој ќе оди во Вухан, за „Асошиејтед прес“ посочи дека целта на СЗО не е да се најде виновник, туку да се спречат можни идни пандемии.
„Навистина не се работи за пронаоѓање виновник. Сакаме да разбереме што се случило, и потоа да видиме, дали врз основа на тие податоци, можеме да се обидеме да го намалиме ризикот во иднина“, рече тој.
Лендерц посочи дека целта е да се открие кога вирусот започнал да циркулира и дали потекнува од Вухан. Ваквата мисија се очекува да трае четири до пет недели, додаде тој.
Во првите денови од регистрирањето на вирусот, тој беше пронајден на таканаречениот „влажен пазар“ во Вухан, во провинцијата Хубеи и се претпоставуваше дека токму тука се случил преносот од животни на луѓе. Но, експертите сега веруваат дека тој можеби едноставно е само „засилен“ таму.
Истражувањата сугерираат дека коронавирусите способни да инфицираат луѓе, можно е да циркулираат неоткриени во лилјаците со децении.