UNITE (for impact) – Хуманитарна акција за најпогодените од пандемијата

Волонтерите на AIESEC, Ways2Help, Љубезност и YES од 21 до 24 декември организираат хуманитарна акција во која ќе се собираат донации за помош на ранливите категории граѓани.

Поектот, наречен „Unite (for impact)” ќе собира ќебиња и јоргани, конзервирана храна, покуќнина – печки за греење и училишен прибор кои потоа ќе бидат дистрибуирани до бездомници и мајки и деца кои се погодени од пандемијата со Ковид-19.

„Многу од нас веќе ги чувствуваат последиците и ефектите од Ковид 19 пандемијата. Тие се евидентни во многу аспекти во општеството, но најмногу ги гледаме кај ранливите групи на граѓани кај кои се јавуваат во вид на зголемена стапка на невработеност, економски проблеми, како и голем број на случаи на семејно насилство. Ние, решението го гледаме во нас луѓето“, велат организаторите на акцијата.

„Со цел да се запазат мерките од владата и да се избегне групирање, креаиравме Google Forms документ чие пополнување е многу едноставно. Влегувате во самиот линк кој е поставен доле и селектирате термин за доставување на донациите кој вам најмногу ви одговара, заедно со видот на донациски материјал кој сте во можност да го доставите и вашиот број за контакт. Ние го правиме првиот чекор кон промена, направете го и вие“, додаваат организаторите.

Донациите се доставуваат до канцелариите на Љубезност (бул. Кочо Рацин бр.30 Скопје, Центар.) во периодот од 21-24 декември помеѓу 11 и 16 часот.

Повеќе информации на следниов ЛИНК.