ИЈЗ: Намалување на бројот на тестирани и новозаразени со Ковид-19

Намалување од 14.6% на нови потврдени случаи со Ковид-19 е регистрирано во периодот од 7 до 13 декември годинава, односно, минатата недела биле регистрирани 5.518 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, стои во последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објави Министерството за здравство (МЗ). Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 41.6% или 2.296 случаи, со неделна инциденца од 371.7 случаи на 100.000 жители.

Но, истовремено е намален и бројот на тестирања, односно, 15.857 материјали во лабораториите каде се спроведува тестирањето или намалување од 9.2% во однос на минатата недела.

„Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 34,8%, намалување од 2% во однос на минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години 1.503, 27,2%. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години 1.042 или 18,9%, од 50-59 години, 1.040 или 18,8%, од 40-49 години, 1.030 или 18,7% и од 20-29 години, 648 или 11,7%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9, 73 или 1,3% и 10-19 години, 182, или 3,3%“, се посочува во извештајот на ИЈЗ.

По два добиени негативни теста за присуство на Ковид-19 или пак, со употреба на новиот алгоритам, од ИЈЗ посочуваат дека се регистрирани 5.313 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, односно, 0.2% повеќе во споредба со минатата недела.

„Пријавени се 174 смртни случаи, со намалување од 5,4% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 142 лица биле над 60 години, 24 лица на возраст од 50-59 години, 4 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и по два случаи од возрасните групи од 20-29 и 30-39 години“, се додава во извештајот.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 7 до 13.12.2020 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.