Северна Македонија се најде на 82-то место од 189 светски држави според новиот Индекс на човечки развој за 2019 година кој го објавува Програмата за развој на Обединетите Нации. Земјава се наоѓа на истото место во споредба со минатата година според индексот кој е показател пресметан преку комбинација од очекуваниот животен век, очекуваното и просечно образование и доходот по глава на жител.
Иако Северна Македонија се наоѓа во групата држави со „висок човечки развој“, сепак се наоѓа на последното место според индексот кога ќе се спореди со земјите во регионот. Во споредба со минатата година, од земјите во окружувањето напредок имаат Словенија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, додека Бугарија и Албанија назадувале за една позиција на рангирањето. С. Македонија и Црна Гора, пак, останале на истата позиција.
Според поединечните параметрки кои го сочинуваат индексот, земјава е најлоша во регионот и според образовните индикатори и има најниски бројки во просечните, како и очекуваните години на образование. Во однос на бројките за очекуваниот животен век, С. Македонија (75,8 години) е подобра само од Бугарија (75,1 година), но далеку заостанува зад најдобрата во регионот Грција (82,2 години). Според економскиот показател, земјава има подобар БДП по глава на жител единстевно од Албанија и Босна и Херцеговина.
Следено низ годините, С. Македонија напредувала само две позиции на рангирањето споредено со индексот објавен во 2015 година.
Оваа година Норвешка е земјата која е прва на листата според Индексот на човечки развој, додека на првите пет места се наоѓаат уште и Ирска, Швајцарија, Хонг Конг и Исланд.
На последните пет места се наоѓаат Бурунди, Јужен Судан, Чад, Централноафриканска Република и Нигер како земја со најлош Индекс на човечки развој во светот.