Од недела, 20 декември, во соседна Србија граѓаните на С. Македонија ќе можат да влезат само доколку поседуваат негативен ПЦР тест за присуство на вирусот САРС-КоВ -2 издаден исклучиво од референтна македонска лабораторија, кој не е постар од 48 часа од моментот на граничната контрола.
Како што соопшти српското Министерство за здравство, без ПЦР тест ќе можат да влезат само оние патници кои транзитираат низ Србија кон друга држава, но времето на излегување од српска територија мора да биде во рок од 12 часови.
Уредбата важи за земјите со неповолна епидемиолошка состојба во поглед на Ковид-19 и во неа се наведени Бугарија, Романија, Хрватска и С. Македонија. Во неа е наведен и исклучок кога тестот може да биде и еден ден постар:
„Ако има задоцнување при влез во Србија, што не може да се припише на вина на патникот, но е последица на надворешен настан што не може да се предвиди, избегне или отстрани (доцнење / доцнење на летот, поаѓање на автобуси, возови и сл.), тогаш тестот не може да биде постар од 72 часа при влегувањето во Србија“.
Во уредбата е наведено дека без ПЦР тест во Србија ќе може да влезат деца државјани на С. Македонија кои се помлади од 12 години, но се придружувани од лице кое има негативен тест на ковид-19, потоа лица кои имаат одобрен привремен или постојан престој во Србија.
Тест нема да биде потребен и за членови на екипаж на авионски превоз, лица кои извршуваат меѓународен превоз за преземање или истовар на стока или за превоз на лица во или преку Србија.
Исто така, тест нема да биде неопходен за припадници на воени, полициски и други безбедносни служби кои транзитираат или доаѓаат во Србија на службени задачи со претходно известување и за акредитирани членови на персоналот на странски дипломатско-конзуларни претставништва и канцеларии на меѓународни организации, како и членови на нивните семејства кои се носители на специјални лични карти, односно документи за идентификација издадени од МНР и Генералниот секретаријат на Владата;
Според упатството на српското Министерство за здравство, условот за влез во Србија не се однесува на граѓаните од пограничната област кои вршат земјоделски работи и имаат документ за поседување на земјоделско земјиште на територијата на Србија и за македонски државјани од пограничната област кои се вработени на територијата на Србија.