„Најчесто дискриминацијата ја доживуваме од институции, и тоа институции кои треба да нè заштити и од насилство и од дискриминација. Често сме дискриминирани од Министерството за внатрешни работи, институција која треба да ја гледаме како поддршка, како заштита, но најчесто токму таму сме дискриминирани“, вели Моника, која десет години се занимава со сексуална работа и е граѓанска активистка која се бори за правата на оваа категорија лица.
Таа вчера преку јавна порака на дебата организирана од Здружението ЕСЕ, заедно со сведошта и на други лица, го пренесе искуството кога се соочила со дискриминација.
Претставниците на граѓанскиот сектор на дебатата рекоа дека единствено со избор на стручни, професионални и непартиски членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе се подобри лошата состојба со дискриминацијата и кршењето на човековите права во државата.
Настанот се одржа додека сè уште е во тек Јавниот оглас за избор на членови на комисијата, објавен од Собранието. Организациите ги повикаа пратениците да спроведат постапка за избор која ќе биде транспарентна и ослободена од какви било влијанија.
„Пратениците мора да се водат од објективни и законски критериуми, а не од меѓупартиски договори. Согласно законот, членовите на комисијата мора да го отсликуваат целото општество односно минимум три членки да бидат жени, а доколку кандидатите ги исполнуваат условите, во комисијата да се изберат и лица со попреченост, Роми, ЛГБТИ лица“, изјави Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација.
Од Здружението ЕСЕ подготвија препораки за тоа како треба да функционира новата комисија по нејзиното формирање, со цел да се постигне ефективна борба против дискриминацијата во општеството.
„Непосредно по изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, неопходно е преземање низа предуслови за успешно спроведување на законот и зголемување на транспарентноста, отчетноста и ефективноста на комисијата. Формирањето стручна служба на комисијата односно вработувањето квалитетни и професионални кадри е првиот чекор кој треба да биде преземен“, вели Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ.
Од Министерството за труд и социјална политика сметаат дека со новото законско решение се создадени предуслови за поефикасна борба против дискриминацијата.
„Комисијата сега има обврска задолжително да постапува по сите претставки, што претходно не беше случај, па според достапните информации не се постапувало по 70 отсто од претставките. Исто така, задолжително ќе се поведуваат прекршочни постапки за непостапување по препораките на комисијата“, рече Ѓултен Мустафова, Раководител на Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика.
Земјава речиси две години нема функционална Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Во 2019 година, комисијата не беше формирана во законски предвидениот рок, а потоа Уставниот суд го укина тогашното законско решение. На тој начин настана правен вакуум, со што жртвите на дискриминација останаа без неопходната институционална заштита.