Нов графит ги покри навредливите коментари на мостот кај Бит пазар

Навредливите коментари на мостот за пешаци кај скопски Бит пазар, кои повикуваа на насилство и смрт, вчера беа покриени со графит, дело на младите уметници Панде Ефтимов и Камелија Каламерникова. Идејата на новиот графит е да ја избрише омразата и да го разубави просторот, истовремено апелирајќи разумот да го замени непромисленото ширење нетрпеливост помеѓу етничките заедници.

Ѕидот пред интервенцијата

„Идејата е да се отстрани говорот на омраза од ѕидовите во Скопје. Секогаш ваквите иницијативи помагаат за афирмирање на естетиката и уметноста, потенцирање на промените и разубавување на просторот. „Ти си мозок“ е универзална порака која треба свесно да се земе во предвид. На крајот на денот „Сите сме мозок“, вели Ефтимов.

Како што стои на Фејсбук страницата „Злосторства од омраза“, вакви акции се планирани на повеќе локации. Оттаму упатуваат порака до сите кои ќе забележат навредлив и дискриминаторски напис во своето маало, да направат фотографија со точната локација и да ја испратат во порака на ФБ страницата „Злосторства од омраза“ или на мејлот на helkom@mhc.org.mk. Дел од овие пораки ќе бидат покриени со графити.