Велешани пошумуваа дел од опожарениот дел крај езерото Младост

Над 200 граѓани на Велес вчера засадија 12.00 дрвца на есенската акција за пошумување на опожарениот појас крај Езеро Младост. Заедно работеа војници, пожарникари, акцијаши, службеници, советници и раководни лица, претставници на Граѓански здруженија, Општинска организација на Црвен крст, Шумско стопанство „Бабуна“ и други вљубеници на природата и здравата животна средина.

Како што информира општината, за неполни три часа на изораните леи беа засадени високо стеблестите дрвца.


„Акцијата помина успешно и уште еднаш велешани покажаа и докажаа дека само заедно и сплотено може да се направи општо добро за заедницата. Ништо не е поважно од здравјето на луѓето кое се постигнува со благородна работа. И во иднина ќе продолжиме да работиме заедно на обновување и зачувување на животната средина“, рече градоначалникот Ацо Коцевски.
Со 40 висококвалитетни стебла на годинешнава акција учествуваше и Лајонс клубот од Велес. Местото на кое ги засадија дрвцата, во нивна чест ќе се нарече Лајонс парк.
Инаку, на минатогодишната акција беа засадени вкупно 13 700 садници. 2.700 беа донација од Ротари Клубот а останатите ги набави Општината со пари од буџетот. Според општината, минатогодишната акција поминала успешно и речиси сите садници се зафатени.