По повод 10 декември, Светскиот ден на човековите права, извидниците од Првиот скопски извиднички одред го објавија новиот Прирачник со чекор по чекор активности на тема човекови права.
„Оваа година со поддршка на Град Скопје, сектор за образование се потрудивме преку сет активности и работилници да Ви ги приближиме реалните случаи на дискриминација и (не)еднаквост со кои се опкружени младите и нивните врсници. Секако не сметаме дека решение не е само да се детекрираат овие ситуации, туку пред се да се подигне свеста за забележување на секојдневна дискриминација и како може соодветно да се реагира и да се помогне“, велат извидниците.
Во прирачникот извидниците ги обрботуваат и темите дискриминација и толеранција, родова еднаквост и меѓукултурен дијалог.
„Сведоци сме дека секојдневно во сите области се обидува да се елаборира во детали кои се меѓународните стандарди за заштита на правото на живот, забраната на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, правото на еднаквост и заштита од дискриминација, правото на слобода и безбедност, слободата на мисла, совест и религија, слободата на изразување, правото на глас и како тие се пресликани во меѓународниот правен систем за заштита. Во таа насока се обработуваат и постојано се анализираат сите овие права во системот на Обединетите нации, Советот на Европа и Европската Унија со цел да се види како се унапредува толкувањето на нормите на Европската конвенција за човекови права сé со цел унапредување на заштитата на односните права“, велат од одредот.
Во 1948 во Генералното собрание на Обеиднетите нации (ОН) беше усвоена Универзалната декларација за човекови права, камен темелникот на универзални вредности и стандарди за заштита и почитување на човековите права.