Меѓаши: Бараме итни мерки за намалување на загадувањето кое диретно влијае на здравјето на децата

„Загадувањето на воздухот во урбаните средини е континуирано над европските стандарди и претставува алармантен проблем“, реагираат од Првата детска амбасада Меѓаши.

Оттаму забележуваат дека државата како потписник на бројни меѓународни документи за заштита на човековите права, вклучително и Конвенцијата за заштита на правата на децата има обврска да ги почитува, заштитува и унапредува условите за реализација на човековите права на децата.

„Оваа обврска бара државата да преземе соодветни законски, административни, буџетски, судски и други мерки во правец на целосна реализација на правата на децата“, сметаат од Меѓаши.

Тие ја повикуваат државата да ги исполни обврските во однос на почитување на основното право – право на живот, воведувајќи итни мерки за намалувањето на загадувањето кое како што велат, диретно влијае на здравјето на децата и нивниот живот.

„Во 2019 година Македонија имаше највисока годишна концентрација на ПМ 2.5 честички во Европа и 3 400 прерани смртни случаи како директна последица од загадувањето. Енормното аерозагадување во зимскиот период е проблем за две третини од децата во државата. Децата се особено ранливи на штетните ефекти од загадувањето на воздухот. Децата вдишуваат поголема количина на воздух а со тоа поголема количина и на штетни супстанции. Тие се подложни на негативните ефекти од загадувањето на воздухот, особено за време на феталниот развој и во најраните години. Респираторните заболувања со години се на првото место во структурата на поединечните групи на болести кај децата, а медицинскиот кадар постојано апелира за негативните ефекти од загадувањето врз здравјето на децата“, посочуваат од Меѓаши.

Покрај ова, истакнуваат дека аерозагадувањето се одразува и на менталното здравје, односно им го ограничува секојдневното функционирање и ги принудува да останат во своите домови.

Според Меѓаши, аерозагадувањето има и сериозни економски последици. Анализите на Светска банка укажуваат дека аерозагадувањето ја чини државата од 500–900 милиони долари годишно, забележуваат тие.

„Во изминатите години беа донесени повеќе национални и локални стратешки документи за подобрување на квалитетот на воздухот. Најголем дел од предвидените активности во нив се насочени кон минимални рестриктивни мерки во делот на сообраќај и кон субвенции за промена на начинот на загревање на домаќинствата. Најголем дел од овие мерки не се спроведени, а само мал дел се во фаза на изработка/подготовка“, потсетуваат од Меѓаши.