Одржана конститутивна седница на Интерпартиската група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето

По повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, Собранието во соработка со Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) ја одржа конститутивната седница на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето.

Како што информираат од (НМХТ), прв пат оваа група беше формирана во мандатот на претходниот парламентарен состав.

Во групата ќе учествуваат повеќе пратеници и пратенички од власта и од опозицијата кои во соработка со здруженијата на граѓани ќе се застапуваат во законодавниот дом за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Досега 11 пратеници се приклучија во групата, но во периодот кој следува се очекува бројот да се зголеми.

Координаторка на групата е Маја Морачанин, пратеничка од зелената партија ДОМ. Таа истакна дека во изминатите три години постигнале значајни исчекори во унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето.

Во претходниот мандат, вели таа, се застапувале за донесување на Законот за спречување и заштита од диркиминација, ги внеле сексуалната ориентација и родовиот идентитет во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги и во Кривичниот законик како основи за заштита од кривични дела од омраза.

„Групата учествуваше и во бројни активности за промоција на правата на ЛГБТИ луѓето, како кампањата ‘Не суди кој кого љуби’, одбележување на Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата, учество на Парадата на гордоста во Скопје и многу други. На иницијатива на ЛГБТИ групата, Министерството за надворешни работи презеде постапки за приклучување на Република Северна Македонија во меѓувладината Коалиција за еднакви права (ERC) и нѐ информираше дека од 31 мај 2019 г. нашата држава и формално е членка на коалицијата“, рече Морачанин.

Професорката Гордана Силјановска Давкова, пратеничка од опозицијата потсети дека правото на среќа е едно од првите лични права, гарантирано во Декларацијата за независност на САД од 1776 година и во француската Декларација за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година.

„Среќни сме кога живееме по свое. И ЛГБТИ личностите имаат право да живеат по нивно, како што јас имам право да живеам по мое. Мора да изградиме демократска парламентарна брана против вербалните и физичките напади врз личностите од ЛГБТИ заедницата, мора да им овозможиме да станат субјекти, наместо објекти, мора да ги прифатиме како рамноправни“, рече таа.

Како пратеничка, иницијаторка и членка на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, таа порача:

„Ние, пратениците од различни пратенички групи и партии ги претставуваме сите граѓани, вклучувајќи ги и ЛГБТИ индивидуите и имаме уставна, законска и етичка, пратеничка и човечка обврска да се бориме против кој било облик на дискриминација, сторена кон која било индивидуа, без оглед на каква било припадност“.

Според Драгана Дрндаревска од Националната мрежа, иако бележиме унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, овој парламентарен состав мора да продолжи со овој тренд.

Изгласувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација беше првиот чекор, вели таа, но пред Собранието се наоѓа подеднакво важна задача да изберат професионални и независни членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кои ефикасно ќе ги штитат од дискриминација сите маргинализирани групи, помеѓу кои и ЛГБТИ луѓето.

„Понатаму, претстои и изборот на нов Народен правобранител, кој исто така бараме да биде независен професионалец со цел реформирање на институцијата и обезбедување на поефикасна заштита на човековите права на граѓаните, кога тие се прекршени од страна на државата. Заштитата од кривични дела од омраза мора да се унапредува преку зајакнување на капацитетите на полицијата и обвинителството, бидејќи и покрај законските измени не бележиме значајни унапредувања во практиките на овие институции. Правата на ЛГБТИ луѓето се човекови права, а нивното остварување значи намалување на стигмата и омразата кон оваа заедница што може да се постигне само преку континуирани активности и мерки од страна на сите надлежни институции“, нагласи Дрндаревска.