„Skopje red light district“ на 17 декември кај Универзална сала

СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, со маски и растојание, на 17 декември (четврток) повикува на уметнички перформанс на пет девојки пред излозите на Универзална сала.

„За момент ќе Ви го доближат шармот на улицата на црвените фенери со борделите во Амстердам, но и на времето кога Скопје живеел боемски живот и се будел со првиот мрак и посетите на атрактивните сексуални работнички“, велат од СТАР за „Skopje red light district 2020“.

Овој тричасовен перформанс преку директен пренос ќе може да се следи на фејсбук страната на СТАР и на партнерите, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција МАРГИНИ.

Организаторите потенцираат дека сексуалната работа во нашето општество е заградена со непробоен ѕид од предрасуди. (И)легалниот статус, потешкиот пристап до здравствените услуги, големата изложеност на насилство и етикетирањето се причината да ги губиме основните човекови права.

„Секојдневно сме изложени на насилство не само од своите клиенти туку и од органите на безбедноста што би требало да не заштитат. Голем дел од предизвиците за човековите права, слабостите и бариерите со кои се соочуваме ние сексуалните работници се должат на криминализацијата, рестриктивните закони, регулативи и практики. На оваа неправда Ве потсетуваме секој 17-ти декември, но овој пат похрабри, борбени, гласни, шармантни, силни, со совети како да си го зачувате здравјето!“, се вели во најавата за настанот.

Второто издание на „Skopje red light district 2020“ во организација на СТАР, ХОПС и Коалиција МАРГИНИ , е поддржано од Фондација Отворено општество – Македонија и The Sex Workers’ Rights Advocacy Network (SWAN) и се организира во рамки на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.

„Настанот ќе се организира во согласност со сите важечки протоколи и мерки за организирање на настани од овој тип, со строго почитување на мерките за заштита од ширење на КОВИД-19 вирусот“, велат организаторите.