Белорусија затвора гранични премини поради Ковид-19, опозицијата обвинува дека потегот е насочен кон активистите

Белорусија од 20 декември ќе затвори неколку гранични премини поради пандемијата со коронавирусот, потег што ќе го ограничи движењето на луѓето во време кога земјата ја тресат протести поради победата на актуелниот претседател Александар Лукашенко на спорните избори кои се одржаа на 9 август годинава, јавува „Радио Слободна Европа“.

Националниот портал за правни информации денеска објави владина резолуција усвоена на почетокот на неделава, во која се вели дека мерките, кои вклучуваат забрана за патување на Белорусите, освен ако нивното патување не е поврзано со работа или студирање, ќе стапат во сила 10 дена по објавување на известувањето.

Не е јасно колку долго ќе траат ограничувањата.

Белорусија веќе со месеци е погодена од речиси секојдневни протести на кои се бара оставка на Лукашенко, ослободување на сите политички затвореници, но и нови избори.

Безбедносните сили насилно го поттиснуваат протестното движење, со повеќе од 27.000 уапсени демонстранти, според Обединетите Нации. Исто така, за тоа постојат и кредибилни извештаи за тортура и малтретирање, а неколку лица и починаа.

Опозициските лидери кои велат дека изборите од 9 август биле наместени веднаш го обвинија Лукашенко дека ги користи мерките за Ковид-19, како изговор за воведување ограничувања на движењата на активистите.

„Лукашенко ги затвора внатрешните граници на Белорусија поради Ковид. Да бидеме искрени, диктаторот само ја тероризира земјата и ги крши човековите права на дневна основа“, напиша на Твитер, лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја.

„Претходно не се грижеше за ковидот. Сега репресираните Белоруси не можат да избегаат и да бараат азил во странство“, се додава во нејзината објава.

Резолуцијата наложува „привремено прекинување на преминот на државната граница на Република Белорусија за заминување од Белорусија на граѓани од Белорусија, како и на странци кои имаат дозвола за постојан или привремен престој во Република Белорусија“.