42 новинари биле убиени во 2020 година заради нивната работа

Четириесет и двајца новинари и медиумски работници биле убиени додека ја вршеле својата работа оваа година, покажува годишниот биланс на Меѓународната федерација на новинари. Други 235 се во затвор поради случаи поврзани со нивната работа.

Мексико се најде на првото место на листата каде се убиени повеќето новинари во 2020 година, по четврти пат во последните пет години, со 13 убиства, а по него следува Пакистан со пет. Авганистан, Индија, Ирак и Нигерија забележаа по три убиства.

Ентони Беланжер, генерален секретар на Меѓународната федерација на новинари изјави: „Намалениот број на убиства на новинари во последниве години не може да ја прикрие смртоносната опасност и заканите со кои новинарите продолжуваат да се соочуваат за извршување на нивната работа“.

За три децении, колку што Федерацијата набљудува, биле убиени 2.658 новинари.

Беланжер вели: „Ова не се само статистички податоци. Тие се наши пријатели и колеги кои ги посветиле своите животи и ја платиле крајната цена за нивната работа како новинари“.

„Ние нема само да ги паметиме нив, туку ќе го следиме секој случај, притискајќи ги владите и органите за спроведување на законот да ги изведат нивните убијци пред лицето на правдата“, додава тој.

Но, Федерацијата која брои 600.000 членови во 150 земји,  исто така броеше голем број новинари кои беа затворени, честопати без обвиненија. Овие бројки, според нив, се потсетник за цената што ја плаќаат новинарите ширум светот за нивната потрага по вистината од јавен интерес.