Амазонската прашума за 18 години изгубила површина колку територијата на Шпанија

Амазонската прашума е многу позагрозена отколку пред осум години. Во периодот од 2000 до 2018 година таму се исечени 513.016 квадратни километри шуми, односно, колку површината на Шпанија, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Поради тоа, најголемата прашума на светот се намали за осум отсто, се наведува во извештајот на Амазонската мрежа за социо-еколошки географски информации (Раисг).

„Амазон е многу позагрозен отколку што беше пред осум години“, се вели во извештајот на Раисг, колективот на истражувачи и невладини организации кои објавија слична студија во 2012 година.

Извештајот под наслов „Амазон под притисок“, укажува на „напредокот на рударските активности, инфраструктурните проекти, како и на порастот на шумските пожари“.

Прашумата опфаќа девет земји, односно, Бразил, Колумбија, Перу, Боливија, Еквадор, Венецуела, Суринам, Гвајана и Француска Гвајана, со околу 47 милиони жители, вклучувајќи ги тука и домородните заедници.

За време на периодот кога се проучувала оваа проблематика, 2003-та година била најлошата година за уништувањето на шумите, кога биле пресечени 49.240 квадратни километри.

Потоа, забележан е пад на уништувањето на шумите, достигнувајќи најниско ниво во 2010 година (17.674 квадратни километри), пред повторно да се забрза тоа темпо, во 2012 година.

Поголемиот дел од шумата, односно, 62% е во Бразил, но и повеќе од 85% од вкупно уништената шума, 425.051 квадратни километри.