ООН: Рекордни 80 милиони луѓе раселени во светот

Бројот на бегалци и раселени лица надмина 80 милиони во средината на 2020 година, среде пандемијата со коронавирусот, што претставува највисока бројка досега, соопштија Обединетите Нации (ООН), пренесува „Н1“.

Високиот комесар на ООН за бегалци Филип Гранди изрази жалење што светот ја достигнал таа „темна граница“ и предупреди дека ситуацијата ќе се влоши доколку „светските лидери не ги запрат војните“.

„Меѓународната заедница не успева да го зачува мирот“, рече Гранди и укажа дека присилните раселувања се зголемија двојно во последната деценија.

На почетокот на годината, 79.5 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови поради прогон, конфликт и кршење на човековите права, а тој број надмина 80 милиони на средината на 2020 година, покажува извештајот на Високиот комесаријат за бегалци на ООН (УНХЦР).

Бројката од 79.5 милиони луѓе, вклучува 45.7 милиони раселени лица во своите земји, 29.6 милиони бегалци и насилно раселени надвор од нивната земја и 4.2 милиони баратели на азил.

„Постоечките и новите конфликти, како и новиот коронавирус имаа драматични последици по нивниот живот во 2020 година“, се вели во соопштението на УНХЦР. И покрај итниот повик на генералниот секретар на ООН од март за светско примирје за време на пандемијата, судирите и прогоните продолжија, соопштија ООН.

Насилството во Сирија, Демократската Република Конго, Мозамбик, Сомалија и Јемен предизвика нови поместувања на населението во првата половина на годината. Нови раселувања се пријавени и во регионот Сахел во централна Африка, каде што цивили биле подложени на брутално насилство, силувања и егзекуции, соопшти УНХЦР.

Во извештајот се наведува дека некои од превземените мерки за запирање на ширењето на Ковид-19 им го отежнувале патот на бегалците за да стигнат до безбедни места.

За време на најсилниот бран на пандемијата во април, 168 земји потполно или делумно ги затворија своите граници, а 90 земји не направија отстапки за барателите на азил. Оттогаш, со поддршка и експертиза на УНХЦР, 111 земји најдоа решенија за да се осигури дека нивните системи за азил се целосно или делумно оперативни, додека истовремено се штитат од ширењето на вирусот. И покрај овие мерки, бројот на нови барања за азил е намален за една третина во споредба со истиот период во 2019 година.