Изложбата „Сеништа“ од уметницата Викторија Попоска од утре во „Мала станица“

„Сеништа“ е изложба на младата уметница Викторија Попоска, една од двата победника на отворениот конкурс за најдобар уметник, кој годинава за прв пат го спроведе Националната галерија на РС Македонија.

Изложбата на Попоска ќе биде отворена утре, во 10 и 30 часот изутрина во Мултимедијалниот центар „Мала Станица“. Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 10 јануари 2021 година.

„Сеништа“ претставува дел од еден цел проект кој се однесува на сé поактуелната светска стратегија за зачувувањето на планетата Земја.

„Како уметница, а воедно и активистка, своето живеење го насочува сé повеќе кон наједноставниот начин, со враќање кон природата, отфрлувајќи ги актуелните, современи, „trendy“ производи после чија употреба останува огромно количество на неразградлива амбалажа. Согласно нејзината животна филозофија, таа и своето творештво го насочува кон подигнување на свеста, користејќи го отпадот. Создавањето на делата на Попоска претставува своевиден процес со свој почеток и крај. Градењето на скулптурите, објектите за неа претставуваат вистински ритуал, започнувајќи со собирање, селектирање, миење на отпадот, потоа негово вообличување во дело и на крајот (по завршувањето на изложбата) дислоцирање во депонија“, објаснува кураторката Александра Зиновски Вилиќ.

Викторија Попоска е млад уметник, родена 1992 год. во Струга. Дипломирала на осекот за применето сликарство со конзервација и реставрација на ФЛУ каде ја добила наградата „Борко Лазески“ за најинвентивен сликар во 2015 година, по што следи реализирање на нејзината прва самостојна изложба под наслов „Запознавање“ во Музеј на град Скопје во 2016 година.

Истата година ќе учествува на “Paratissima“ каде ја добива специјалната награда “Ponte di pietra“ по што следи нејзино учество на “Paratissima-to the stars“ во Торино, Италија. Во Струга, својот роден град, во 2017 год. свое самостојно претставување ќе има во галеријата „Коџоман“, а понатаму следат учества на повеќе групни изложби, перформанси, колонии.