„И покрај тоа што големите хидропроекти се минато, во Маврово се доделени голем број концесии за изградба на мали хидроелектрани, а Паркот функционира без нов Закон и план за управување“, реагираат од здружението Еко-свест.
Оттаму забележуваат дека Студијата за валоризација е спорна поради како што велат, зонирањето кое во 2015 година покажало „кроење“ на зоните за потребите на хидро-инвеститорите. Оттогаш, процесот е стопиран, посочуваат тие.
„На Маврово му се заканува и постојан инфраструктурен развој,на што сме сведоци во последниот период, а без закон и план за управување со Паркот, ваквите активности можат да бидат погубни за живеалиштата и видовите во паркот, но и за луѓето“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, која за кампањата за спас на Маврово во 2019 година ја доби престижната Голдман награда.
Таа посочува дека без закон за Маврово, но и без нов Закон за природа се става под ризик еден од најстарите Европски паркови.
Проблематиката за НП „Маврово“ беше една од темите на 40-тта седница на Постојаниот комитет на Бернската конвенција (Конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа). Иако дел од проблемите се надминати со стопирањето на Бошков Мост и Луково поле, на Паркот му претстојат нови закани, гласи заклучокот од седницата.
Поради пандемијата, годинава беше одложена експертската мисија од Бернската Конвенција, која требаше да даде препораки за Маврово, но и за другите заштитени подрачја во рамки на Емералд мрежата, која е од значење за целиот Европски континент, вклучувајќи го и Охридското езеро. Според Бернската конвенција, спроведување на експертска мисија во Северна Македонија е од најголем приоритет.
На прашањето дали може Маврово да биде позитивен случај и истиот брзо да се реши, Чоловиќ Лешоска одговара дека тоа е можно, доколку Владата и Министерството за животна средина покажат посветеност за состојбата. Тоа според неа би значело итно стопирање на сите инфраструктурни активности се додека не се спроведе анализа за кумулативните влијанија на сите проекти врз вредностите на Паркот и донесување на Закон за Маврово.
„Само на тој начин ќе можеме случајот да го затвориме и да бидеме позитивен пример за земјите во регионот и Европа“, смета Чоловиќ Лешоска.
Случајот со хидроцентралите во НП „Маврово“ започна уште во 2013 година, кога Еко-свест поднесе жалба до Бернската Конвенција со која образложи дека доколку се изградат планираните хидропроекти во Маврово, државата ќе ги прекрши постулатите на Бернската Конвенција која ја има ратификувано во 1997 година.
Во 2015 година, Постојаниот комитет на Бернската Конвенција донесе резолуција со која бара од Владата да ги суспендира сите планирани хидро проекти се додека не спроведе стратегиска оцена на севкупното влијание на сите планирани проекти во паркот. Воедно, во резолуцијата се бараше меѓународните финансиски институции кои ги поддржуваа Бошков мост и Луково поле, да ги преиспитаат своето учество во истите.
Набргу потоа, Европската банка за обнова и развој и Светската банка се откажаа од своите проекти, а во 2018 година Владата на Република Македонија ги повлече Бошков Мост и Луково Поле од својата нова Енергетска стратегија.