Нова можност за отворање на рудникот во Иловица по последната одлука на Вишиот управен суд

Прашањето за рудникот во Иловица повторно се актуелизира, откако на 20 ноември Вишиот управен суд пресудил во корист на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ која сака да гради во струмичко.

Вишиот суд, практично, само ја потврди одлуката на Управниот кој претходно пресече и го поништи решението за одбивање на барањето за експлоатација во Иловица, кое го донесе Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

„Жалбите на тужителот Друштво за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО С. и на тужениот орган, изјавени против Пресудата на Управниот суд У-6.бр.575/2019 од 31.03.2020 година, се отфрлаат како недозволени. Управниот суд со Пресуда У-6.бр.575/2019 од 31.03.2020 година, ја уважил тужбата на тужителот Друштво за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО С. и го поништил Решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен УП.бр.0810-102 од 05.09.2019 година“, стои во одлуката на Вишиот управен суд.

Одлуката на Вишиот управен суд

Ова наиде на спротиставени мислења во двата табори кои се вклучени во борбата за и против рудникот.

Од една страна, извршниот претседаач на бордот на директори Тим Морган Вин од компанијата „Еуромакс Рисорсис“ порача дека со одлуката на судот се создава нова правна извесност за иднината на проектот „Иловица-Штука“.

„Сега очекуваме во конструктивна и ефикасна соработка со Владата и сите релевантни институции да го обновиме и забрзаме процесот за обезбедување на сите потребни одобренија и лиценци. Така, во најкраток можен рок, ќе може да почнеме со реализација на нашата капитална инвестиција“, вели тој.

Од компанијата велат дека со судската одлука во однос на нивната тужба против оспореното решение на Второстепената комисија се утврдува повреда на правилата на постапката, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.

Здружението „Здрава Котлина“ пак, кое изминативе години активно се бори против отворање на рудник во нивниот крај, посочува дека развојот на настаните, укажува на тоа дека почнуваат да бидат видливи ефектите, од како што велат, „моќни лобисти кои се вклучени во подмолна игра на штета на интересите на граѓаните и локалната заедница.

ВИШИОТ УПРАВЕН СУД РЕШИ ДЕКА ЕУРОМАКС ПОВТОРНО СЕ ВО ИГРА

Вишиот управен суд донесе конечно решение со кое се одбиваат…

Posted by Здрава Котлина on Saturday, December 5, 2020

„Уморни сме од политички ветувања, позадински трзалици и камелеонски тактики. Време е да му се стави крај на ова еднаш засекогаш. Или сте со народот или сте против него. Не може округло па на ќоше. Ако е неопходно нека биде и радикално сценарио со ужасен пример и опомена за сите во иднината. Народот е притиснат од сите страни за секакви егзистенцијални проблеми па уште и рудник на смртта му фали. Очигледно 2021 ќе биде експлозивна година кога народниот гнев ќе се истури врз сите што упорно си го бараат. Рудници во Југоистокот нема да има“, порачаа од здружението.

Протести, маршови, блокади беа организирани од активистите во изминатиот период со барање за поништување на концесијата за рудник во Иловица.

Процесот со концесијата, првично започна по објавата на Владата дека дозволата за „Иловица“ е одбиена, бидејќи, како што кажаа тогаш, од „Еуромакс“ не биле доставени сите потребни документи за експлоатација согласно законот за минерални суровини.

Засегнатата компанија ја обжали одлуката и на ред да одлучува по неа дојде Второстепената комисија, која ја одби нивната жалба. Поради тоа, компанијата поднесе тужба пред Управниот суд кој пресуди во нивна полза.

М.К.