Ијан Мекелен и Мартин Фримен ја поддржаа „crowdfunding“ кампањата за претворање на домот на Толкин во музеј. Станува збор за куќата во Оксфорд каде писателот ја напишал безвременската приказна.
Во мисија за спасување на домот на Џ.Р.Р. Толкин, Гандалф и Билбо Багинс – односно актерите зад овие ликови, се придружија во кампањата да ја претворат куќата на Толкин во музеј.
Толкин и неговото семејство се преселиле во објектот во 1930 година и живееле таму 17 години, период во кој Толкин бил универзитетски професор по англо-саксонски. Тогаш, тој ја напишал книгата „Хобит“, како приказна за заспивање на своите деца. Потоа, приказната била проширена и настанале книгите „Господар на прстените“.
Авторката Џулија Голдинг го започнала проектот „Нортмур“, хуманитарна акција со јавно собирање на средства. Потребно е да се соберат шест милиони долари за да се купи куќата на Толкин, пред таа официјално да биде достапна на пазарот за недвижнини. Во кампањата засега приклучени се актерите Иан Меккелен, Мартин Фриман и Џон Рас Дејвис, актерот зад Гимли.
Куќата со седум спални соби и огромна градина ќе биде реновирана за да се долови атмосферата во која живеел и работел Толкин, а има планови за изнајмување и организирање на културни настани кои ќе се одржуваат физички и виртуелно. Куќата, веќе не е во сопственост на семејството бидејќи авторот се иселил од таму во 1947 година.
„Неверојатно е дека, земајќи ја предвид славата на Толкин, тој се’ уште нема центар никаде во светот. Замислата е куќата да се претвори во литературно собиралиште кое ќе инспирира идни писатели, уметници и режисери во генерациите што доаѓаат“, изјавил Рас Дејвис.
Авторката Голдин смета дека кампањата има реални цели, па мотивирано потсетува дека треба да се сетиме на патувањето на Фродо и Сем од Ривендел до Планината.
„Да се соберат шест милиони долари во рок од три месеци е голем предизвик. Но, ние сме инспирирани дека може да го направиме ова, исто како Фродо и Сем. Оваа цел нема да ја постигнеме освен ако не ги вклучиме сите фанови на „Господар на прстените низ светот“, изјавила таа.
Голдинг вели дека издејствувала помала парична рамка со сегашниот сопственик и се надева дека ќе собере 4.5 милиони фунти. Куќата чини 4 милиони, а останатите средства се потребни за реновација и почеток на коултурните програми.
Сите дополнителни средства собрани ќе бидат искористени за фонд за стипендии и изградба на хобитска куќарка. Откако ќе се создаде, хумантарното здружение ќе биде самоодржливо.
„Нашата замисла е да не го претвориме домот на Толкин во некој сувопарен музеј, туку топло домаќинство кое инспирира“, велат организаторите.
Доколку кампањата биде неуспешна, организаторите велат дека собраните средства ќе бидат искористени за промовирање на делата на Толкин, како и курсеви и настани за писателот кои ќе инспирираат нови генерации на фантастични писатели и уметници.
Извор: Guardian