Ревија филмови на Митко Панов во Кинотека: Со кренати раце за добри филмови

Кинотеката организира ревија филмови на режисерот, сцанерист и продуцент Митко Панов на 8, 9 и 10 декември во кинотечната сала.

Филмофилите ќе имаат можност да ги видат неговите кратки филмови „Со кренати раце“ (креативен документарец) и „Ливада“ (игран), долгометражниот документарец „Земјаци“ и долгометражните играни филмови „Војната заврши“ и „Сведок“, во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари неговата последна главна улога на филм.

Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на публиката.

Митко Панов (Скопје, 17.04.1963) студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во период од 1983 – 1988 студира филмска режија на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска. Неговите остварувања се емитувани на бројни телевизиски станици како PBS, А & Е, ZDF, Channel + и Channel 4. Првиот негов краток филм „Леб и сол“ е снимен 1986 во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск, местото каде што во 1980 година е формиран независниот синдикат „Солидарност“ и жариште на демократките промени во Полска во осумдесеттите години…

Митко Панов со неговиот студентски филм „Со кренати раце“ (во полска продукција), снимен во 1985 година, е сосема нетипичен изданок. Тој филм по шест години, во 1991-та, учествува на фестивалот во Кан и ја добива „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм. Претходно филмот исто добивал награди на фестивалите во Краков, Минхен,Тел Авив, Римини и Монте Касино, но наградата во Кан ја заокружи неговата приказна.

За краткиот документарец „Бериќет“ (кој е дел од трилогијата „Човекот и трудот“) во 1995 на Меѓународниот филмски фестивал Исмаилија (Египет) доби Гран При за режија.

Панов со децени предава филм на Универзитети во САД и Европа. Еден од неговите студенти бил и режисерот Стив Меквин од Англија, оскаровец со филмот „12 години ропство “од 2014 година и еден од најуспешните режисери последнава деценија во светот.

Екранизацијата на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски останува негов сè уште неостварен филмски сон…

Повеќе инфо за проекциите ТУКА.