Скопските градоначалници ги здружија инспекциите за борба со загадувањето и нередот

Градоначалникот Петре Шилегов и градоначалниците на 10-те скопски општини денеска потпишаа меморандум за соработка за заедничко вршење на надлежностите во делот на инспекцијата.

Со овој меморандум и општинските и градските инспектори за животна средина, комуналните инспектори и редари ќе бидат во заеднички тим. Шилегов посочи дека на овој начин повеќе нема да постојат пречки и граници за дејстување во областа на животната средина и комуналните прашања.

„Ваквиот заеднички тим го формираме заради заштита на животната средина и природата, за преземање мерки за заштита и спречување на загадувањето на водата, воздухот, земјиштето, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење утврдени во Законот за локална самоуправа. Нашата заедничка цел е воспоставување ефикасна и независна инспекциска служба, целосно елиминирање на просторот за злоупотреби, со повеќе казни за оние што не го почитуваат законот и повеќе едукација за граѓаните во превентивна насока. Затоа со овој меморандум ги поставуваме основите за заедничко институционално делување во делот на инспекцијата, го прошируваме и надградуваме тимот и го унапредуваме целиот процес пред формирањето на заедничка комунална полиција која во градови со големина на Скопје е повеќе од неопходна“, рече градоначалникот на Град Скопје

Со воспоставувањето ефикасен систем на контрола врз почитувањето на законите, додаде тој, се најавува бескомпромисна борба со сите фактори кои претставуваат закана за средината во која живеат граѓаните.

„Ова е еден голем чекор напред што го воспоставуваат општините. Сакам да се заблагодарам на сите градоначалници на скопските општини за нивната политичка зрелост да пристапиме кон еден ваков чин. Нашите планови за во иднина се да најдеме начин да ја прошириме оваа соработка не само на регионално ниво, туку да формираме заеднички тимови и со државните инспекторати за делување во повеќе области. Политичка волја постои, постојат ресурсите, а постојат и желбата и поривот да живееме во чиста и здрава животна срдина. Со тоа ги исполнуваме основните предуслови за заедничко делување. Убеден сум дека за една година ќе можеме повторно да се собереме со конкретни извештаи и со конкретни бројки кои ќе покажат дека сме биле во право кога сме верувале дека може да се делува заеднички и може да се успее“, додаде Шилегов.

Како што стои во соопштението од Град Скопје, по здружувањето на инспекциите следниот чекор треба да биде формирање заедничка комунална полиција на територијата во главниот град.