За десет проценти се намалил бројот на новозаболени од Ковид-19 изминатава недела во споредба со претходната, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 23 до 29 ноември.
Во овој период регистрирани се 6.745 нови случаи, а тестирани биле 18.767 материјали во лабораториите. 42 проценти од регистрираните случаи биле од Скопје, додека процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување е 35,9%.
Меѓу новозаболените најзастапени биле лицата над 60 години – 24,1%, а голем број бил регистриран и кај возрасните групи од 30-39 години (20,9%), 40-49 (18,7%) и 50-59 (17,9%). 13 проценти од заболените биле лица меѓу 20 и 29 години, додека најмал број е регистриран кај децата до девет годишна возраст – 1,5%, како и младите меѓу 10-19 години – 3,9%.
Изминатата недела како оздравени биле регистрирани 5.930 лица, што е зголемување од 16,3% во споредба со минатата недела.
Пријавени се 206 смртни случаи од 25 града, што е скоро идентична бројка како претходната недела. Во однос на возраста, 169 лица биле над 60 години, 30 лица на возраст од 50- 59 години, 3 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и 4 случаи во возрасната група од 30-39 години.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 23 до 29.11.2020 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.