Инцидентите со спречувањето на новинарите во кругот на „8-ми Септември“ се истражуваат, а одлука за забрана на работата на новинарски екипи во кругот на јавни здравствени институции не постои, соопштуваат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиуми на Македонија (СЕММ), откако денеска се одржа состанок со министерот за здравство Венко Филипче.
Состанокот со министерот, велат медиумските организации, бил на барање на Филипче, откако вчера имаше реакции за попречувањето на работата на новинарите во кругот на ГОБ „8-ми Септември“ во Скопје.
На состанокот, дополнуваат организациите, министерот Филипче укажал дека не постои одлука од ресорното министерството да се попречува работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите во ниедна здравствена јавна установа во Република Северна Македонијa.
„Инцидентот кој се случил во изминатите денови во ‘8-ми Септември’ на кој не им беше дозволено на група на новинари да известуваат од пред влезот и паркингот на оваа болница е изолиран и за истиот се преземаат мерки да се расчисти и да се преземе одговорност од страна на лицата кои директно ја попречиле работата на новинарските екипи“, соопшти Филипче.
Претставниците на новинарските организации ја поздравија одлуката да се преземат идни активности за решавање на овој случај и додадоа дека, само преку заедничка и координирана активност помеѓу министерството и професионалните новинари, ќе имаат гаранции за точни и навремени информации во врска со пандемијата во земјата.
„На денешната средба помеѓу министерот и новинарските организации се надмина претходното недоразбирање, во однос на тоа дали постои формална одлука со која може да се ограничи јавниот простор на кој работат новинарите пред јавните здравствени објекти. Министерот истакна дека новинарите можат и треба непречено да снимаат на сите јавни простори пред болничките установи во насока на професионално известување во однос на пандемијата. Претставниците на ЗНМ, ССНМ и СЕММ пак уште еднаш истакнаа дека новинарите во своите известувања треба да се држат до етичките стандарди, почитувајќи ја приватноста на пациентите или нивните блиски, во склад со јавниот интерес“, соопштуваат новинарските организации.
Освен ова, присутните се сложија дека e потребно и во иднина да продолжи комуникацијата со цел да се превенираат слични ситуации кои можат негативно да се одразат на работата на новинарите, но и на здравствените установи и медицинскиот кадар.
Фото: ЗНМ