Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) денеска преку соопштение реагираа за попречување на работата на новинарите во кругот на градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје.
Како што посочуваат оттаму, за време на викендот, но и денеска, според повеќе пријави од колеги кои пристигнале до канцелариите на ЗНМ и до новинарскиот синдикат, на новинарите и снимателите не им бил дозволен пристап од страна на обезбедувањето на болницата и додаваат дека биле бркани, дури и на паркингот на болницата.
„Укажуваме до Министерството за здравство и менаџерите на ГОБ „8-ми Септември“ дека не смеат да го ограничат пристапот на новинарите да известуваат за теми поврзани со работата на болницата и пандемијата. Свесни за сензитивноста на темите за кои има особен јавен интерес, потребно е да се обезбедат услови каде новинарите ќе имаат можност непречено да известуваат. Потсетуваме дека слободата на изразување е уставно загарантирано право во Република Северна Македонија кое не може никој поединец да го ограничи бидејќи со тоа ќе има прекршување на членот 16 од Уставот. Особено што станува збор за теми од исклучителен јавен интерес“, стои во соопштението на ЗНМ.
„Новинарите и уредничките тимови особено во вакви услови на криза потребно е да известуваат во согласност со етичките принципи на новинарската професија со штитење на приватноста на граѓаните кои можат да бидат дел од сниманиот материјал. Потсетуваме дека според Етичкиот кодекс на новинарите, новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, исто така новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“, додаваат оттаму.
Тие, истовремено посочуваат дека доколку граѓаните имаат забелешки за работата на новинарите и медиумите, можат да достават претставки до Советот на честа или Советот за етика на медиумите во Македонија.
Исто така, од Министерството бараат, како што велат, да ја повлече одлуката за снимање пред тријажниот центар и околу болницата само со дозвола од директорот на болницата или министерството, затоа што, како што додаваат, со тоа директно се оневозможува работата на новинарите и фоторепортерите кои известуваат за состојбата со ковид кризата и состојбата во болниците.
Од ресорното министерство пак, вчера информираа дека во ниту една здравствена установа не постои наредба за забрана за видеоснимање и фотографирање од страна на медиумски работници. Оттаму истакнаа дека медиумите непречено можат да ги вршат работните задачи, без некој да им смета или да ги ограничува во професионалното работење.
Но, порачаа дека согласно Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за здравствена заштита и Законот за заштита на лични податоци, Министерството за здравство и Здравствените установи се должни да го заштитат идентитетот на секој пациент и неговата приватност, па од таа причина, упатија апел до медиумите при видео или фото известување, да ги почитуваат и заштитат идентитетот и приватноста на пациентите.
„Денеска предмет на интерес на повеќе медиуми беше ГОБ 8 Септември, ве информираме дека директорот д-р Христија Костов не издал наредба за забрана за снимање на болницата. Тријажниот центар може да се снима и фотографира од одредена далечина бидејќи овде има пацинети кои чекаат да бидат хоспитализирани, а возила на Брза помош носат болни во тешка состојба и од таа причина редот мора да се запази како не би се нерушила приватноста на пациентите, но и работата на здравствените работници од една страна и медимските работници од друга страна“, стои во вчерашното соопштение на МЗ.
„Доколку постои интерес од страна на медиум, за снимање на влезот, внатрешниот дел на ковид центар, тријажен центар, хоспитализација на пациенти, или слично ве молиме да се обратите до здравствената институција или Министерството за здравство, како би се организирало снимање или фотографирање, со кое нема да се нарушат паравата и приватноста на пациентите, ниту пак да се доведе во ризик задравјето на медиумските работници“, додадоа оттаму.