Меријам-Вебстер: „Пандемија“ е збор на годината

„Пандемија“ е збор на годината за 2020, според изборот на американскиот речник Меријам-Вебстер, пишува „Асошиејтед прес“.

„Тоа веројатно и не е голем шок“, изјави за „АП“ Питер Соколовски, главниот уредник на речникот.

Зборот стана карактеристичен во март, кога беше прогласена пандемија поради кризата со коронавирусот, но доби на популарност на веб-страницата на речникот веќе во почетокот на јануари и повторно во февруари кога беа регистрирани првите смртни случаи во САД, но и избувнувањето на инфекцијата на крстаречки бродови.

Кога Светската здравствена организација на 11 март прогласи глобална пандемија поради новиот коронавирус, пребарувањата на веб-страницата енормно се зголемија, а Соколовски вели дека интересот за овој збор останал значително висок во текот на годината.

Под енормно, Соколовски вели дека пребарувањата за зборот пораснале за 115.806% во споредба со истиот период минатата година.

Зборот „пандемија“ кој датира од средината на 1600 година, има корени во латинскиот и грчкиот јазик и е комбинација од „пан“, што значи „за сите“ и „демос“, што значи „за луѓето или населението“.

Веб-страницата на речникот има околу 40 милиони уникатни месечни корисници и околу 100 милиони месечни прегледи на нивните страници.