[Видео] Заедно посилни: Со ХИВ можеш да живееш еднакво долго и квалитетно

„Со ХИВ можеш да живееш еднакво долго и квалитетно, како и без ХИВ. Важно е да дознаеш што порано и редовно да примаш терапија“, гласи една од пораките кои здружението Заедно посилни ги упатува преку нова видео кампања во која вклучија јавни личности.

Оттаму посочуваат дека кога луѓето со ХИВ редовно ја примаат терапијата, вирусот станува недетектабилен и не може да се пренесе на друго лице преку сексуален однос. Исто така, ХИВ-позитивна мајка може да роди ХИВ-негативно бебе.

И годинава, од здружението организираат активности за подигнување на свесноста за ХИВ-инфекцијата, како едукативна стрип-приказна за искуството на едно младо лице во дознавањето на својот ХИВ-позитивен статус.

Оваа стрип-приказна е развиена од млади луѓе коишто самите живеат со ХИВ и се членови на Заедно посилни и ги отсликува дилемите, стравовите и соочувањето со нив на главниот јунак пред да направи тест и по дознавањето на својот статус. Таа, исто така, го илустрира и достапниот систем за поддршка на луѓето со ХИВ во рамките на институциите и на ниво на заедницата. Печатената верзија на стрипот ќе биде дистрибуирана бесплатно преку повеќе организации и локали, а може да се подигне од просториите на здружението во Дебар Маало. Електронското издание ќе биде промовирано преку социјалните медиуми и ќе може да се преземе од сајтот на Заедно посилни.

Покрај ова, тие се приклучија и во Европската недела на тестирањето, така што нудат секојдневни услуги за бесплатно и анонимно тестирање од 16:00 до 20:00 часот во периодот од 25-30 ноември.

„Секој заинтересиран ќе може да го провери својот ХИВ-статус за време од 30-тина минути, а за тоа не се потребни документи за лична идентификација. Посетителите, исто така, може да добијат сеопфатни и современи информации во врска со заштитата од ХИВ, односно живеењето со овој вирус и неговото лекување, како и други информации во врска со сексуалното здравје“, информираат од Здружението.

Крајот на кампањата ќе го одбележат со неформална дружба на Светскиот ден на СИДА на 1 декември во „Short bus”.