[Видео] Возење точак во Скопје значи да си снаодлив, прилично трпелив и авантурист

„Скопјани сакаат да возат точак, а Скопје може повеќе за граѓаните, повеќе за поубав свет“, гласи пораката на новиот краток документарен филм на Здружението Одржливи иницијативи, во соработка со На Точак.

Во него се зборува за радоста и предизвикот на возење точак во главниот град, како и желбата за посветла иднина.

„Точакот е решение за многу урбани проблеми: од сообраќаен метеж, слободно паркинг место, почист воздух, па сè до намалување на климатските проблеми“, вели Бојан Ранташа од Одржливи иницијативи.

„Со ова видео сакаме да го опишеме искуството на возење точак во Скопје со сите свои убавини и недостатоци, да ги пофалиме сите граѓани кои се борат со ситуацијата, возејќи велосипед; да покажеме дека градската администрација работи на изработка на велосипедски патеки; но најважно од сè – да поттикнеме уште граѓани да одберат велосипед и градот и општините уште повеќе да инвестираат во велосипедската сообраќајна инфраструктура“, додава тој.

Од НаТочак, пак, велат дека „да се има функционална, поврзана, велосипедска мрежа во градот е вистинскиот начин за да видиме значајно зголемување на употребата на велосипедот. Тоа е примерот кој е воспоставен во светот. А тоа ќе придонесе кон подобар живот во Скопје и поздрава животна средина.“

Лицата кои користат велосипед за своите дневни потреби влијаат на намалување до 84% од емисиите на СО2 во однос на патниците на моторни возила.

Според третиот национален двогодишен извештај за клима, податоците за 2016 година укажуваат дека 28,1% од емисијата на стакленички гасови доаѓаат од секторот транспорт, во споредба, во Европската Унија каде изнесува 24,3%, а на глобално ниво е 22%. Додека Европската Унија, како и бројни други светски сили се заложуваат да ја намалат емисијата на стакленички гасови зa 55% до 2030 година.